На 17 септември 2025 година, во просториите на општина Гази Баба се одржа јавна презентација и дискусија посветена на изградбата на логистричко-дистрибутивниот центар во Гази Баба, кој се смета за еден од најзначајните инфраструктурни проекти во агро-прехранбениот сектор во Северна Македонија. Настанот беше организиран во рамки на Проектот за модернизација на земјоделството, кој го спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со финансиска поддршка од Светска банка.
Презентацијата ја отвори координаторката на проектот, Љубица Патлиџанковска, која ги поздрави присутните и се заблагодари за нивниот интерес и учество. Таа нагласи дека целта на настанот е да се обезбеди отворена и конструктивна дискусија со сите засегнати страни, како од институциите и изведувачите, така и до бизнис-заедницата и граѓанскиот сектор.
Во првиот дел беше претставен опфатот на проектот и неговото стратешко значење. Овој логистичко-дистрибутивен центар ќе претставува современ хаб, наменет за зајакнување на конкурентноста на домашното земјоделско производство, подобрување на следливоста на производите и создавање услови за одржлив развој. Локацијата на центарот, во близина на Инџиково и индустриската зона во Илинден, беше избрана поради одличните транспортни врски и развиената општинска инфраструктура.
Понатаму, архитектката Катерина Тодороска Мартиноска ангажирана во рамки на избраната фирма за обезбедување на консултантски услуги за избор на локација, урбанистичко планирање, физибилити студија и детален дизајн за центарот ги претстави техничките аспекти на проектот, вклучително и планираните објекти: павилјон за овошје и зеленчук, павилјон за земјоделци, административна зграда, објекти за управување со отпад и палети, како и големи паркинг и сообраќајни површини. Планот е изградбата да започне во февруари 2026 година и да трае 15 месеци, со очекувано пуштање во употреба за средината на 2027 година.
Во вториот дел од настанот, во рамки на истата фирма, специјалистката за животна средина Елена Николовска го претстави Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти (ESMP). Таа укажа на потенцијалните ризици поврзани со загадување на воздухот и почвата, бучава, управување со отпад и социјални влијанија, како и мерките за нивно ублажување. Акцент беше ставен на транспарентноста, редовниот мониторинг и воспоставените механизми за приговор и вклученост на јавноста.
Посебно внимание беше посветено и на рамката за рана вклученост на пазарот (EME), преку која бизнис-заедницата има можност да даде коментари и предлози со цел усогласување на тендерската документација со реалните капацитети на пазарот.
Во завршниот дел, Ана Гацева од проектниот тим и Антонија Вијачка од Светска банка ги презентираа правилата за јавни набавки. Тие нагласија дека изборот на изведувач ќе се одвива според строгите правила на Светска банка и ФИДИК, со примена на принципите на транспарентност, фер конкуренција, интегритет и обезбедување на најдобра вредност за вложените средства. Како дополнителен услов, најмалку 30% од работната сила ќе треба да биде ангажирана од локалната заедница.
Настанот заврши со отворена дискусија, на која присутните поставуваа прашања и даваа свои предлози. Сите добиени коментари ќе бидат земени предвид во финалната документација, а проектниот тим најави редовно информирање на јавноста за сите понатамошни активности.
Со оваа средба беше потврден заедничкиот ангажман кон изградба на модерен, одржлив и конкурентен агро-прехранбен центар, кој ќе има клучна улога во зајакнување на земјоделството и подготвувањето на земјата за европските интеграции.