На 17 септември 2025 година, со почеток во 13:00 часот, во просториите на Општина Гази Баба ќе се одржи јавна презентација и дискусија за идниот логистичко-дистрибутивен центар кој треба да се изгради во Скопје. Настанот е организиран од страна на Проектот за модернизација на земјоделството, кој го спроведува Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, финансиран од Светска банка.
На презентацијата ќе бидат разгледани два важни документа кои се клучни за почетокот на проектот:
- Планот за управување со животна средина и социјалните аспекти
- Рамката за рано ангажирање на пазарот (EME)
Целта на овој настан е да се поттикне отворена и конструктивна дискусија со сите засегнати страни – од контрактори и институции, до претставници на граѓанскиот сектор. Презентацијата ќе даде поширока слика за тоа како ќе се реализира проектот, кои се техничките и логистичките аспекти, како и како ќе се осигура заштитата на животната средина и почитувањето на социјалните стандарди.
Логистичко-дистрибутивниот центар претставува еден од најзначајните инфраструктурни проекти во агро-прехранбениот сектор, со цел да се создаде модерен центар за големопродажба и логистика. Проектот има амбиција да ја зголеми конкурентноста на домашното производство, да овозможи поголема следливост на производите и да придонесе кон одржлив развој на секторот.
Проектот ги повикува сите заинтересирани страни да присуствуваат на настанот и активно да се вклучат со коментари и предлози. За оние кои немаат можност да бидат физички присутни, настанот ќе биде достапен и онлајн преку специјален линк.
Во прилог на поканата е достапна и Агенда за настанот, со сите детали за презентациите и говорниците.