Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски оствари работен состанок со Мисијата на Светска банка, предводена од директорката за Македонија и Косово, Карол Межеван.

Средбата се одржа во рамки на мисијата за следење на имплементацијата на Проектот за модернизација на земјоделството, при што беше констатиран напредок во реализацијата на активностите и беше изразено задоволство од досегашната динамика на спроведување.

Проектот има стратешко значење за развојот на земјоделскиот сектор, со фокус на подобрување на пазарниот пристап за земјоделците, јакнење на институционалните капацитети и воспоставување интегриран систем за поефикасно функционирање на секторот.

На средбата беше разгледана и можноста за проширување на идната соработка во областа на земјоделството, со цел унапредување на политиките и поддршка на одржливиот развој.