Во рамки на Проектот за модернизација на земјоделството, со засилено темпо тече реконструкцијата на административната зграда на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во Скопје.

Станува збор за значаен чекор во унапредувањето на институционалната инфраструктура во земјоделскиот сектор, со кој се создаваат подобри услови за работа и поефикасна услуга за корисниците.

Проектната активност се реализира со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Градежните работи ги изведува Фабрика Карпош А.Д. Скопје, а надзорот го вршат ЈОРД, ЕЗГ, Барс инженеринг и Кулон инженеринг од Скопје.

Реконструкцијата опфаќа целосно уредување на административниот простор со современи решенија и посебен акцент на енергетска ефикасност, безбедност и функционалност. Предвидено е создавање модерни работни услови за вработените, како и унапредување на просторот за прием и услуга на корисниците.

Оваа активност има за цел да одговори на зголемените потреби на институцијата, која има клучна улога во спроведувањето на мерките за поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Воедно, реконструкцијата е дел од пошироките активности за јакнење на капацитетите на Платежната агенција, особено во делот на спроведување на ИПАРД мерките, како што се инвестициите во земјоделските стопанства и преработката и маркетингот на земјоделски производи. Предвидено е дополнително унапредување на условите за работа, вклучително и проширување на кадровските капацитети и подобрување на техничката опременост.

Со оваа инвестиција се продолжуваат напорите за модернизација на земјоделскиот сектор, преку јакнење на институциите и подобрување на нивната ефикасност во служба на граѓаните.