На 5 и 6 октомври успешно се одржа подготвителната мисија на Светска банка за „Проектот за зголемување на продуктивноста на Злетовица преку наводнување и обновлива енергија“, кој се подготвува преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со поддршка на Светска банка.
Во текот на дводневната мисија, претставници на Единицата за имплементација на Проектот за модернизација на земјоделството, Светска банка, ЈП ХС „Злетовица“ и Управата за водостопанство го разгледаа досегашниот напредок и ги усогласија активностите за наредниот период.
Посебно внимание беше посветено на техничката подготовка на проектот, постапките за набавки, институционалната координација, како и на подготовката и ажурирањето на физибилити и техничките студии, деталните проектни решенија за системите за наводнување и производство на обновлива енергија, документацијата за безбедност на браната и документацијата од областа на животната средина и социјалните аспекти.
Во рамки на мисијата беа дефинирани и следните теренски, технички и аналитички активности, со цел подготовката на проектот да продолжи навремено, координирано и во согласност со барањата и стандардите на Светска банка.
Проектот има за цел подобро искористување на потенцијалот на Хидросистемот „Злетовица“ преку развој на современи системи за наводнување и одржливо производство на обновлива енергија, со придобивки за земјоделството, локалниот економски развој и управувањето со водните ресурси.