Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство добива грант од 2 милиони долари за ажурирање на проектната документација и обука на корисниците, како дел од подготовките за проектот „Подобрување на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица – фаза 2: наводнување и фаза 3: производство на електрична енергија“.
Договорот денеска го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и директорката на Светска банка за регионот, Карол Мегеванд.

Преку реализација на проектот треба да се обезбеди посигурно и одржливо водоснабдување за земјоделските површини, што ќе придонесе за поголема продуктивност, поквалитетни приноси и зголемена конкурентност на македонското земјоделство.
Грантот ќе го спроведува Министерството преку постојната единица за имплементација на проектот финансиран од Светската банка за модернизација на земјоделството. Краен корисник ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ – Пробиштип.

Имплементацијата е предвидено да трае 18 месеци, од 1 јули 2026 година до 31 декември 2027 година.