Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува сите заинтересирани и квалификувани кандидати да се пријават на четирите јавни повици за ангажирање стручни лица во рамки на проектот „Злетовица – продуктивност преку наводнување и обновлива енергија“ (PIREP), кој се подготвува со финансиска поддршка од Светска банка.

Проектот опфаќа активности за подготовка на инвестиции во втората фаза од развојот на системот за наводнување и третата фаза од развојот на хидроенергетските капацитети на хидросистемот „Злетовица“, со цел унапредување на водостопанската инфраструктура, поефикасно користење на водните ресурси и развој на обновливите извори на енергија.

Во рамки на јавните повици се бара ангажирање локален специјалист за наводнување (градежен инженер), локален хидромашински инженер, локален специјалист за животна средина и социјални аспекти и локален инженер за хидроенергија. Избраните кандидати ќе бидат вклучени во стручната и техничката подготовка на проектните активности, изработката и проверката на проектната документација, координацијата со надлежните институции и обезбедувањето усогласеност со националните прописи и стандардите на Светска банка.

Рокот за доставување пријави за позициите локален специјалист за животна средина и социјални аспекти и локален инженер за хидроенергија е 27 октомври 2026 година, до 12:00 часот, додека за позициите локален специјалист за наводнување и локален хидромашински инженер рокот е 30 октомври 2026 година, до 12:00 часот.

Заинтересираните кандидати можат да ги достават своите пријави електронски на procurement@amp.mk, како и лично или по пошта на адреса: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ул. „Ленинова“ бр. 2, 1000 Скопје, со назнака Ана Гацева.

Деталните информации за условите за пријавување, потребните квалификации, работните задачи и критериумите за избор се содржани во документацијата за секој од јавните повици, објавена на веб-страницата на МЗШВ и на веб-страницата на Проектот за модернизација на земјоделството www.amp.mk.

Министерството ги охрабрува стручните лица со соодветно образование и професионално искуство да ги разгледаат јавните повици и да аплицираат, со што ќе добијат можност да го дадат својот придонес во подготовката и реализацијата на значајни инвестиции за развојот на водостопанството, земјоделството и обновливата енергија во државата.