Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави меѓународен повик за избор на компанија што ќе го развие и имплементира Интегрираниот земјоделски информатички систем (IAIP), во кој ќе биде вклучен и Информатичкиот систем за управување со државното земјоделско земјиште (SALMIS).

Повикот е дел од Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран со средства од Светска банка, а целта е создавање единствена дигитална платформа што ќе ги обедини постојните бази на податоци и информатички решенија во земјоделскиот сектор.

Новата платформа треба да овозможи централизирано управување со земјоделските податоци, подобра размена на информации меѓу институциите, поголема ефикасност во работењето и поддршка на процесот на усогласување со стандардите на Европската Унија.

Во рамки на проектот ќе се развие и SALMIS – систем за управување со државното земјоделско земјиште и пасиштата, кој ќе овозможи дигитална евиденција и геопросторно мапирање на земјиштето под закуп. Предвидено е платформата да вклучува и алатки за деловна интелигенција (Business Intelligence), анализа на податоци и подготовка на извештаи за потребите на креирањето земјоделски политики.

Со проектот ќе се модернизираат и интегрираат постојните регистри и информациски системи на Министерството, меѓу кои Регистарот на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели (LPIS), со цел да се надминат сегашните проблеми со фрагментирани податоци и застарени технолошки решенија.

Заинтересираните компании ќе можат да доставуваат понуди до 10 август 2026 година. Постапката ќе се спроведе согласно правилата на Светска банка за меѓународни конкурентни набавки.

Новата платформа ќе стане централна дигитална алатка за управување со земјоделските податоци во државата и да придонесе за поефикасно носење одлуки, подобро следење на мерките за поддршка и поголема транспарентност во управувањето со земјоделското земјиште.

Комплетниот сет на тендерска документација, вклучително и техничките спецификации и придружните анекси, е достапен на веб-страницата на Проектот за модернизација на земјоделството – amp.mk, во делот „Procurement“ на англиски јазик. Заинтересираните понудувачи можат да ги преземат документите и да се информираат за условите и барањата на постапката.